22.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Граѓанските организации со иницијативи до министрите ќе се борат против корупцијата

Во Владата се одржа вториот отворен ден за иницијативи на граѓански организации, организиран од Владата и поддржан од Националниот демократски институт, на тема борба против корупцијата.

По објавениот повик, до Владата од граѓанските организации пристигнале 12 иницијативи за имплементирање мерки за борба против корупцијата, а дел од организациите-предлагачи кои денеска присуствуваа на настанот, пред министрите ги изнесоа своите предлози и ја образложија потребата од нивно имплементирање.

Меѓу претставниците на власта кои присуствуваа беше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој истакна дека степенот на партиципација на граѓанските организации во јавните работи е показател за зрелоста на институциите на системот, како и подготвеноста за заедничко постапување во насока на унапредување на општествениот амбиент.

„Борбата против корупцијата не може да биде препуштена на само еден ресор или институција, туку неопходен е темелен и сеопфатен институционален и граѓански ангажман, во којшто мора и треба отворено да се дебатира и да се исползува секоја квалитетна идеа и предлог“, рече министерот Спасовски.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски, пак, информираше дека во изработката на моделот за Државната комисија за спречување на корупција, најголемо учество во генерирање на предлозите веќе имаат експерти и граѓански организации.

Министерот за здравство, Венко Филипче, говорејќи за активностите што ова министерство ги презема во борбата против корупцијата потенцираше дека здравството е посебно ранливо поради деструктивноста на корупцијата.

„Искуствата од европските земји велат дека борбата против корупцијата може да се оствари само ако претставници од Владата, бизнис секторот и граѓанските организации работат заедно за да се развијат стандарди и процедури кои сите ќе ги поддржуваат“, рече во своето обраќање министерот Филипче, и додаде дека министерството ги отворило вратите на граѓанските организации за целосен увид во тендерските постапки, како дел од заложбите за борба против корупцијата.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, во рамки на настанот, истакна дека ваквата соработка е одлична можност за борбата против горливата тема – корупција, во нашето општество.

„Ние како институции во таа борба не смееме да бидеме сами. Потребна е поддршката од вас – граѓанскиот сектор, кој ќе дава предлози и идеи и заедно да ги постигнуваме очекуваните ефекти“, рече тој додавајќи дека заложбите на министерството мора да бидат надополнети со повеќе активности за што очекува поддршка и вклученост на невладиниот сектор.

Асаф Адеми, министерот за култура се осврна на суштината во борбата против корупцијата велејќи дека борбата за државата е борба за законите. Во услови на голема корумпираност, рече тој, граѓаните ја губат довербата во државата, а со тоа, според него таа ја губи моќта за спроведување на правото.

„На коруптивните елементи не им е потребна држава. Државата за нив е само ресурс за извлекување на лична корист“, рече министерот Адеми.

Министерот Роберт Поповски и координатор на активностите на Отворена Влада, во своето обраќање истакна дека само со заедничко сериозно вложување може да се постигнат резултати во борбата против корупцијата.

„Посебно загрижувачки е фактот дека голем број на граѓани биле изложени на корупција, и сметаат дека тоа и не е толку страшно. Ако нашите граѓани се навикнуваат на коруптивни активности или стануваат соучесници, тоа е нај загрижувачката работа и против тоа мораме заеднички да се организираме“, подвлече Поповски.

Спонзорирано: