17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нобеловецот Ферид Мурад: Светот веќе зборува позитивно за Македонија

Добитникот на Нобеловата награда за физиологија и медицина, Ферид Мурад со потекло од Гостивар, престојува во посета на Македонија. Тој утринава имаше средба со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми.

Како што информира владината прес-служба, на средбата се разговарало за визиите на Владата за мултиетничко општество односно „Едно општество за сите“, за реформските процеси, обновените добрососедски односи со соседните држави, како и за евро – атлантските аспирации на Македонија.

„На ова, професорот Мурад истакна дека светот веќе зборува позитивно за Република Макеоднија и укажа дека остварувањето на eвро – атлантските интеграции на земјата ќе ѝ донесе перспектива и инвестиции, неопходни за создавање нови можности за подобра иднина за младите и ќе ги привлечат иселените да се вратат и да делуваат во својата земја“, се вели во соопштението од Владата.

Нобеловецот Мурад, во текот на средбата, на премиерот Заев му предочил конструктивни предлози за подобрување на образовниот и здравствениот систем, како и отворањето на научно – истражувачки центри, споделувајќи лични искуства од САД и од повеќе земји во светот, каде што тој работел, се усовршувал и кадешто веќе долги години е професор на повеќе универзитети.

Ферид Мурад е светски признат лекар и фармацевт, добитник на Нобелова награда за физиологија и медицина во 1998 година. Води потекло од гостиварското село Лакавица, токму заради оваа врска и гостиварската болница го носи неговото име. Автор е на голем број научни трудови од областа на клиничката фармакологија.