7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Стартуваше изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш

Започна изградбата на првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23,5 километри. Патот ќе се протега од клучката кај штипското село Софилари до клучката кај радовишкиот рудник „Бучим“.

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид на почетокот на градежните работи.

Според информациите, патот ќе биде во ширина од 11,5 метри и ќе има 11 мостови од кои еден во должина од 320 метри. По патот ќе може да се вози со 110 километри на час.

Заев ја потенцираше важноста од изградбата на овој пат, особено за граѓаните од источните делови на земјата.

„Со едни вакви брзи делници кои ќе овозможат брзо пристигнување јас очекувам дека ќе се мотивира зголемување на протокот на стоки и зголемување на протокот на патници што е современа тенденција“, порача премиерот Заев и рече дека преку ваквите инвестиции се поддржува и капиталниот развој на државата.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека Владата е исклучително посветена на одвојување на средства за источниот и југоисточниот регион.

„Во наредниот период планирани се 320 милиони евра за овој регион за изградба на патишта“, рече министерот Сугарски кој порача дека интензивно се гради на повеќе точки во Република Македонија на капитални проекти кои се однесуваат на железницата, гасификацијата, водоводи и канализации.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов детално го објасни процесот и планираните активности поврзани со изградбата на овој експресен патен правец.

„За прв пат во Македонија изведувачот ќе има обврска по завршувањето на патниот правец да го одржува. Тоа претставува новина“ информираше директорот Китанов.

Тој рече дека во рок од три години се очекува комплетирање на двете фази од изградбата на овој патен правец со што граѓаните од источниот и југоисточниот регион ќе добијат на користење квалитетен и брз експресен пат.