8.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев, Анѓушев и Османи ги запознаа младите од Струга со можностите кои ќе ми се отворат по членството во ЕУ

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерите за економски прашања и за европски прашања, Кочо Анѓушев и Бујар Османи, во Струга учествуваше на трибина „Млади МК-ЕУ, можности без граници“.

Како што информираат од владината-прес служба, Заев меѓу младите луѓе говорел за огромните можности што им се отвораат со интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО и ги споделил впечатоците од одржаниот Самит на Европската Унија за земјите од Западен Балкан во Софија, на којшто, како што рекол, биле донесени крупни одлуки и решенија за европските перспективи на земјите од регионот.

„Младите сè почесто се иселуваат од Македонија, поради политичките причини и заробената држава којашто ја имавме изминатите години, но и поради квалитетот на живот. Владата има фокус да ги менува затекнатите состојби. Сите реформи што ги правиме значат нов квалитет на живот за младите луѓе“, рекол Заев.

Тој воедно потенцирал дека овие моменти се одлучувачки и клучни за иднината на нашата земја и порачал дека многу е важно Македонија да добие датум за преговори и членство во НАТО со што, како што нагласил, ќе се отворат можностите за нови инвестиции кои ќе отвораат нови работни места за младите луѓе.

„Ја отвораме спиралата на севкупното покачување на платите и креираме амбиент за НАТО и ЕУ-интеграции како реални можности за креирање подобар животен стандард“, соопштил премиерот, кој во своето обраќање ги охрабрил младите да се прудружат на промената и заедно со сите општествени чинители да се ангажираат во отворањето на европските перспективи на земјата.

Пред младите луѓе се обратиле и вицепремиерите за европски и за економски прашања, Османи и Анѓушев.

„Од вчера сликата за Европа на Македонија ѝ е многу блиска. Не само заради тоа што 28 лидери ставија печат на поддршка на влезот на Македонија во ЕУ, туку затоа што ние имаме заеднички вредности со ЕУ, патот кон Европа не е само техничко штиклирање во документ, туку вредност“, порачал вицепремиерот Османи, кој додал дека ефектите директно ќе влијаат на подобрување на животниот стандард на сите граѓани, а посебно на младите.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, зборувал за економските придобивки коишто младите луѓе, а и сите граѓани ги добиваат од интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Предизвик треба да биде да формирате ваши фирми, да се борите на пазарот и да почнете со спроведување храбри чекори. Владата мора да ви обезбеди нормални услови за реализација на вашиот сон. Тие нормални услови ќе ги обезбеди интеграцијата на Македонија во евро-атлантското семејство“, рекол вицепремиерот Анѓушев и ги охрабрил младите да ги искористат мерките на поддршка што Владата ги обезбедува.

Како што информираат од владината прес-служба во дебатата со владините претставници, младите луѓе покажале интерес за реформата во образованието, начинот на нејзино спроведување и ефектите што ќе следуваат за подобро позиционирање на младите луѓе на пазарот на трудот. Учесниците отвориле и прашања во врска со средното стручно образование, миграциите, отворањето работни места, но и теми како правдата и важењето на законите еднакво за сите.

Трибината „Млади МК-ЕУ, можности без граници“ е организирана од RYCO – Регионална канцеларија за соработка на млади, Центарот на заедницата на општина Струга и Здружението „Аква“, во соработка со Владата на Република Македонија.

Спонзорирано: