7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Вечерва соопштена одлична вест: Милиони евра легнаа на сметки на овие македонски граѓани

Денеска започна исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска исплати субвенции за 20.880 тутунари во вкупна вредност од 22 милиона евра, односно околу 80 отсто од вкупниот очекуван износ за авторизација.

Во следните неколку дена, веднаш по извршените контроли, ќе се исплатат и другите 20 отсто. Ова денеска го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при денешната посета на селото Ивањевци во општина Могила заедно со директорите на Платежната агенција и на ДИЗ, Николче Бабовски и Јане Станкоски.

„Продолжуваме со политиката на навремени субвенции и враќање на парите назад кај граѓаните тогаш кога им се потребни за да инвестираат во новата реколта. Оваа година тутунарите добија зголемени субвенции во три нивоа. На овој начин ги мотивираме тутунарите да произведуваат квалитетен тутун“, изјави министерот Николовски.

Директорот Бабовски изјави дека овие пари тутунарите ќе може да ги реинвестираат и дека исплатата на субвенциите и за другите култури ќе заврши до законскиот рок, 30 јуни.
Од реколтата 2017 Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воведе нов начин на зголемено субвенционирање во три нивоа. Во согласност со овие промени, зголемени субвенции за тутунот добиваат над 23.400 тутунари. Оваа година се постигна и убедливо највисока просечна цена за тутунот од 217,6 денари за килограм.

Целта на новиот модел на зголемено субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција. Имено, субвенцијата за прва класа тутун сега изнесува 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа, како и за дополнителни класи.

Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, која носи девизен прилив од 100 милиони евра годишно. Во насока на создавање поволни услови и поттикнување развој на оваа култура, МЗШВ го најавува и новиот закон за тутун, кој е во финална фаза. Со него се предвидува укинување на поднесувањето евидентни листови, со што значително се олеснуваат адмнистративните процедури.