26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Инспекциите во акција низ Скопје – Фрчат казни

Општина Центар, во заедничка акција со УЈП, МВР, СВР Скопје, Градски паркинг и ЈП ПОЦ, синоќа беше во контрола на 20 угостителски објекти во Дебар Маало, улица Македонија, Пролет и во други делови на територија на општината. За овие локали граѓаните се жалеле дека го нарушуваат редот и мирот со гласна музика, бесправно узурпирање на јавниот простор со поставување на тераси и паркирање на возила на недозволени места.

„На дел од угостителските објекти им се изречени мандатни казни, на дел им е даден рок да достават документација и да го усогласат просторот според пропишаните параметри. Доколку рокот не биде испочитуван ќе им биде изречена соодветна глоба или ќе бидат затворени. Непрописно паркираните возила веднаш беа отстранети од ЈП ПОЦ и Градски паркинг“, велат од Општината.

Градоначалникот Саша Богдановиќ потенцира дека е воспоставена целосна координација со сите институции и нема да се толерира незаконско работење на територија на општината. Во периодот кој следува, тој најави дека со правосилни решенија ќе се пристапи кон отстранување на дивите и незаконски поставените тераси и зачестени контроли на угостителските објекти.