17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Две лица во притвор: Нови детали за настанот што ја крена Македонија на нозе

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка за уште две лица македонски државјани инволвирани во предметот со случајот на штитеничката од ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје. Тие се осомничени за трговија со дете за што е предвидена казна затвор од најмалку 12 години.

Осомничените иако знаеле дека детето е жртва на трговија со луѓе биле корисници на сексуални услуги и друг вид екплоатација од малолетното лице. Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје на осомничените лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, следејќи ги написите во врска со овој случај отвори предмет по допрен глас. По спроведени предистражни дејствија, надлежниот јавен обвинител во февруари донесе наредба за спроведување истрага против едно лице за трговија со дете. На предлог на јавниот обвинител со одлука на судот на осомничената ѝ беше определен притвор кој се продолжува во континуитет согласно со постојаното прибирање на доказниот материјал за расветлување на настанот.

Осомничената од декември 2017 година до 6 февруари годинава, со сила, измама и присилба, а воедно искористувајќи ја детската немоќ, го подвела оштетеното дете на вршење полови дејствија со полнолетни мажи во повеќе градови низ земјава. Осомничената го превезувала детето, го продавала, го нудела на продавање заради експлоатација по пат на користење сексуални активности за паричен надоместок, го присилувала на принудна работа и слугување и организирала и присилен брак што не се реализирал.​