18.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Со новата економска мерка платите ќе се подобрат во фирмите на Заеви и Анѓушев

Помина цела година, а животот во Република Македонија дојде само за криминалниот картел составен од Заеви, Анѓушев и врхушката на власт, велат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека граѓаните живеат се полошо и едвај врзуваат почеток со крај, а паднале во вода и сите лаги за просечна плата од 30.000 денари.

„Криминалниот картел наместо да се посвети на создавање на подобра бизнис клима во која што компаниите ќе бидат попродуктивни и ќе може да исплаќаат поголеми плати, се посвети на полнење со пари на личните и семејните фирми. Затоа сега одлучија да го применат нивниот добро познат метод на притисок, уцени и закани кон приватните стопанственици да ги зголемат платите дури и да нема економска логика, односно да се предизвика дополнителна штета од ваквиот чекор“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека новата апсурдна мерка што ја предлага власта е доказ за безидејноста на неспособното економско трио и неуспехот на досегашните политики.

„Новата мерка веројатно ќе помогне само да се подобрат платите во фирмите на Заеви и Анѓушев. Заев и Анѓушев треба да одговорат колку работници има во нивните фирми кои земаат нето плата до 18.000 денари, односно ги исполнуваат условите од мерката со која што 30% од покачувањето на платите, фирмите би го покриле од државата“, велат од опозициската партија.

Според нив, СДСМ и Заев безобразно ги лажеле и манипулирале граѓаните со предизборни ветувања, а денеска сe покажува дека ништо од тоа не се реализира.

„Државата секојдневно тоне во криминал и корупција. Доказ дека на лагите им нема крај е несреќната судбина на вработените во ‘Еурокомпозит’. Најпрвин ги лажеа дека веднаш по доаѓање на власт ќе им се исплати се, а сега да ги молат да работат без плата 6 месеци. Криминалниот картел кој е на чело на државата мора да си замине, а водачите на картелот мора да одговараат пред граѓаните еден ден“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.