14.8 C
Скопје
24. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нови трендови за брзина и сигурност на поштенските услуги

Имплементација на светските трендови во поштенските услуги, дигитализација, развој на нови производи и услуги, како и навремена и сигурна достава на пратките, се само дел од алатките за зголемување на конкурентноста на компаниите што работат во секторот поштенски услуги, велат од Сојузот на стопанските комори.

Според последните статистичките податоци што ги објави Агенцијата за пошти за поштенските активности во земјава за 2016 година, најмногу поплаки од граѓаните добила токму за ненавремената достава на пратки. Од сите поднесени рекламации, повеќе од половината ,или 52,6 отсто, се пожалиле на пречекорување на рокот за достава. Притоа, најмногу поплаки во 2016 година имало за времето на достава од страна на „Македонска пошта“.

Најголем проблем граѓаните имале со доставата на препорачани писма, услуга што е значително поскапа од испраќањето обично писмо. Според извештајот на Агенцијата за пошти, од вкупниот број рекламации, дури 90 отсто се однесувале на препорачани писма. 4.475 рекламации биле за доставата преку „Македонска пошта“, а 322 за другите даватели на поштенски услуги во земјата. Еден од причинителите за опаѓање на овие услуги е и недоволниот квалитет на обезбедување на поштенските пратки.

„За да се намалат овие бројки и поплаки од страна на крајните корисници, потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како прв чекор за навремена достава на пратките. Примената на иновации и нови практики во секторот поштенски услуги е од големо значење за развој на компаниите од оваа област. Во Република Македонија може да кажеме дека ретки се компаниите во секторот поштенски услуги, кои за да бидат во чекор со светските трендови, имплементирале „Андроид“ со цел следење во живо на статусите за доставување пратки, како и имплементација на автоматско поврзување на веб-шоп софтвер со софтвер на пошта. За клиентите, најбитна е навремена и сигурна достава на пратките и токму кон тоа треба операторите да се стремат“, изјави Александар Милошевски и додаде дека иновативноста, организираниот пристап и прецизноста, како и примената на премиум и екопоштенски услуги, се само дел од новитетите за квалитетна достава на пратките.

Тој појасни дека за да се одвоите од конкуренцијата, значајна е понудата на услуги што ќе бидат посебно приспособени кон клиентите – од флексибилните можности за испорака на документи и пратки до опцијата за маркетинг на производи, како што се автомобили или електроника до одбрани потрошувачи, како и новините што се имплементираат во светот.

„Поштата има свој удел во десетина клучни индустриски гранки, во малопродажбата, банкарството, логистиката, маркетингот. Тренд во европските земји е на поштенските услуги да се гледа како на алатка што ќе им овозможи на компаниите, пред сè, малите и средните, кои нудат квалитетни производи, а не се доволно познати да допрат до крајните потрошувачи во разни делови на земјата преку директно рекламирање или преку испорака на производите. Таквиот начин на стимулирање на МСП преку дирекна соработка со поштенските услуги значи поддршка за нивниот развој како важна алка во развојот на севкупната економија“, изјави Милошевски.

Во Република Македонија, според податоците на Агенцијата за пошти, регистирани се 33 даватели на услуги. За ненавремена достава на пратки законските прописи предвидуваат глоба од 3.500 до 5.000 евра за поштенскиот оператор.