17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Шекеринска во Стејт Департментот: Македонија е подготвена да го даде својот придонес во НАТО

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на вториот ден од официјалната посета на САД се сретна со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер и со високи официјални лица во Стејт Департментот.
Како што информираат од министерството за одбрана, на средбата со првиот заменик–помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард, Шекеринска ги образложила аргументите поради кои Македонија го заслужува членството во НАТО – зголемувањето на буџетот и платите за Армијата, одбранбените реформи, зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, но и на поширок план – враќањето на критичките и слободни медиуми, владеењето на правото, активната транспарентност на која се обврза владата како една од алатките против корупцијата.
Високата претставничка на Стејт Департментот, Милард, оддала признание за напредокот кој го постигнала земјата само една година по кризните настани во Собранието, и потенцирала дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата.
Во Стејт Департментот министерката Шекеринска се сретнала и со заменик-помошник секретарот Метју Палмер, кој истакнал дека работите во Македонија се одвиваат многу бргу, а земјата е подготвена не само да биде членка на НАТО, туку членка која активно придонесува во Алијансата.
На средбата со заменик–помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер, министерката Шекеринска рекла дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија забрзано работат на имплементација на потребните реформи, фокусирајќи се на Стратегискиот одбранбен преглед кој е клучен документ за развојот на АРМ.
„Реформските зафати во МО и во АРМ и нашите резултати во развојот на одбраната покажуваат дека Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО-Алијансата“, рекла Шекеринска на средбата.
Купер рекла дека САД високо го ценат прогресот на реформите во Македонија и посветеноста на стратешката цел – членството во НАТО, како и дека внимателно ќе ги следат состојбите во следните неколку месеци, во пресрет на Самитот на Алијансата.
Шекеринска во Вашингтон разговарала и со директорот на Меѓународниот републикански институт, Даниел Твининг и регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Суротчак. Целта на средбите на министерката за одбрана во САД е да се обезбеди цврста американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО.