8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Илинден прогласена за општина со најповолно бизнис-опкружување во Македонија

Во рамките на регионалната иницијатива за промоција на поволно бизнис-опкружување „Партнерство за конкурентен регион“, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, денеска во Белград учествуваше на церемонијата на доделување сертификат за поволно бизнис-опкружување на општини од Република Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.

Годинава, во рамките на овој настан, од Македонија за општина со најповолно бизнис-опкружување е прогласена општината Илинден. Досега овој сертификат го имаат добиено и Град Скопје, како и општините Струмица, Гази Баба, Богданци, Штип и Велес.

Business Friendly Certification South East Europe (BFC SEE) претставува единствена програма за подобрување на квалитетот на услугите и информациите што општините од регионот на Југоисточна Европа им го нудат на компаниите.

BFC SEE им обезбедува на компаниите јасна насока за создавање погодна бизнис-средина и воведување меѓународно признаени стандарди за транспарентна и ефикасна локална администрација. За инвеститорите што бараат да ги преселат или прошират своите бизниси во Југоисточна Европа, BFC SEE служи како стандардизиран инструмент за оценување на локалните услови за водење бизнис преку означување кои општини во регионот обезбедуваат најдобра клима за инвестиции.

Иницијативата се имплементира со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) – Отворениот регионален фонд за модернизирање на општинските услуги, BFC SEE. Програмата започна во 2012 година преку мрежа на партнерски институции од регионот со цел да се воспостават заеднички стандарди и да се стави печат за квалитет за бизнис-средината во општините и големите градови во Југоисточна Европа.