20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев: Безусловната препорака од Европската комисија е ветер во грб до остварување на крајната цел

Премиерот Зоран Заев денеска одржа прес-конференција на која соопшти дека земјава и официјално добила безусловна препорака за почеток на преговорите со Европската Унија.

Сепак, тој нагласи дека Македонија сè уште има проблеми кои мора да бидат решени.

„Ние како Влада уште од самиот почеток сме транспаренти и не криеме дека сè уште постојат проблеми. Од Европската комисија конкретно истакнаа дека проблемите кои се присутни во економијата, безбедноста, јавната администрација, како и проблемите со корупцијата мора да бидат решени“, рече Заев.

Тој истакна дека ова е историски ден за земјата и дека државата е чекор понапред во европските интеграции, за кои вели дека најзаслужни се граѓаните.

„Граѓаните избраа демократија, на фер парламентарни избори со изборот на оваа влада одлучија Македонија да се интегрира во ЕУ и НАТО што е можно побрзо. Тие ја имаат најголемата заслуга за ова постигнување“, истакна Заев.

Премиерот додаде дека досега препораката од Европската комисија беше замрзната поради политичката криза што ја зафати државата. Со добивање на оваа препорака, истакна тој, дефинитивно е надмината кризата и Македонија може да продолжи напред.

„Оваа препорака значи обезбедување европски стандарди кои ќе се применат во сите институции на државата, што значи подобри услови за граѓаните“, рече Заев.

Потенцира дека и најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, да не се вратеше во Собранието, Македонија сепак ќе ја добиеше препораката, но со нивното враќање во законодавниот дом заеднички покажале дека не се заборавени државните интереси на Република Македонија.

„Не запираме тука, ова е ветер да продолжиме напред. Сакаме во најбрз можен рок да го решиме проблемот за името со Грција, со цел Македонија да влезе во НАТО до јуни“, рече Заев.

Во врска со замерката на ЕК за корупцијата во државата, премиерот кажа дека Владата работи на нов закон за антикорупција и оти нивна цел е поставување професионалци во Државната комисија за спречување корупција.

Спонзорирано: