23.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шилегов е потпретседател на мрежата на локалните самоуправи од Југоисточна Европа

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, е назначен за прв потпретседател на Мрежата на асоцијации на локални самоуправи од Југоисточна Европа (НАЛАС), за 2018 година. Тој деновиве учествува на 13. генерално собрание на НАЛАС што се одржува во Брдо, Словенија.

На генералното собрание се дискутираше за работата на НАЛАС во 2017 година, како и за работниот план за 2018 година, кога беше избрано и ново раководство со оглед на ротирачкото претседателство.

На генералното собрание на НАЛАС учествуваат над 150 претставници од локалните самоуправи и асоцијациите на локалните самоуправи од цела Југоисточна Европа. Ќе се разгледуваат и актуелни политички теми за улогата и застапништвото на НАЛАС во контекст на стратегијата за проширување на ЕУ. Исто така, ќе се дискутира за улогата на локалните самоуправи во справувањето со бегалската криза и со бегалците во регионот, а ќе бидат направени и измени во статутот со кои ќе бидат нагласени активностите на оваа асоцијација за постигнување родова еднаквост.

Во рамките на генералното собрание на НАЛАС се одржа регионална конференција на која во фокусот беа утврдените цели за одржливиот развој и за социјалната инклузија низ призмата на Агендата 2030, што е усвоена на 25 септември 2015 на специјалниот самит на ОН.

НАЛАС ја сочинуваат 14 асоцијации што претставуваат околу 9000 локални самоуправи, директно избрани од над 80 милиони граѓани во Југоисточна Европа. НАЛАС го промовира процесот на децентрализација, придонесува во процесот за помирување и стабилизација во регионот и во тој контекст придонесува за процесот за европска интеграција на целиот регион.

Спонзорирано: