20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Државата е заробена и стагнира под водство на СДСМ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ и Зоран Заев ја носат државата кон економски колапс. Според нив, како што велат, економското цунами Заев-Тевдовски-Анѓушев им нанесе огромна штета на државата и на економијата во целост.

„Економската ситуација е влошена. Најавите за покачување на даноците и неспособноста на власта ја намалуваат инвестициската атрактивност на државата. Големите странски инвеститори, поради растечката корупција, наместо во Република Македонија, се одлучуваат за инвестирање во земјите од регионот. 300 милиони евра, дел од парите со кои СДСМ ги задолжи граѓаните од почетокот на годината до денес, седат во Народната банка на Република Македонија како депозит со 0 отсто камата. Во исто време државата плаќа камата за истите средства кон кредиторите од кои ги позајмиле. Оваа безидејност на СДСМ ги чини граѓаните околу 1,5 милион евра. Растот на БДП во 2017 година е 0 отсто, а економијата секаде во регионот одеше нагоре. Падот на градежништвото е околу 20 отсто, а капиталните инвестиции изнесуваат само 1 отсто. Катастрофа на сите полиња“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека со цел да го оттргне вниманието од ваквите катастрофални политики, СДСМ гони политички неистомисленици со конструирани обвиненија.

„На овој политички прогон мора да му дојде крајот. Судиите мора да ги почитуваат Уставот, законите и човековите права на секој граѓанин, без разлика на неговата политичка определба или политички став. Судот мора да ги ослободи од неоснованиот притвор сите политички жртви и да ги отфрли нарачаните обвиненија. СДСМ не знае и нема капацитет да ја води државата. Република Македонија заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ