11.8 C
Скопје
24. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Советот за реформи во правосудството одржа седница, в среда законот за судови во Собранието

Советот за следење на имплементацијата на стратегијата за реформи на правосудниот сектор вчера попладне ја одржа својата втора седница. По усвојувањето на записникот од конститутивната седница, Советот го усвои и деловникот за работа.

„Членовите на Советот своите дебати на втората седница ги насочија кон предлог-законите за судовите и за Судскиот совет за кои заменик-министерот за правда, Оливер Ристевски, појасни дека веќе в среда, по празниците, пратениците во Собранието на РМ ќе расправаат по предложените измени“, информира владината прес-служба.

Во дискусиите на членовите на Советот, како што стои во соопштението, акцент бил ставен на предложените законски одредби што се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во предлог-законот кои се однесуваат на нивната заштита, а сè со цел да се постигне што поголема независност на судството и враќање на дигнитетот на судиите.

„Заложбите на членовите на Советот за реформи е во склад со извештајот на Прибе, а во кој се сугерира судиите да се оценуваат исклучиво врз основа на донесените пресуди. Членовите на советот имаа одредени забелешки и за предлог-законот за Судскиот совет на Република Македонија“, се вели во соопштението.

На вчерашната втора седница на Советот присуствуваа и претставници на ОБСЕ, кои најавија нивно редовно присуство и поддршка и во наредниот период.