6.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

(Видео) Пукање во седиштето на „Јутјуб“, познат идентитетот на осомничената за нападот

Најмалку четири лица се повредени во пукањето во зградата на седиштето на „Јутјуб“ во калифорнискиот град Сан Бруно. Жената што е осомничена за нападот е мртва, објави Си-ен-ен.


Началникот на полицијата на Сан Бруно, Ед Барберини, за новинарите изјави дека осомничената била пронајдена мртва, со прострелна рана од огнено оружје, што укажува на самоубиство.

Според информациите што ги пренесоа американските медиуми, напаѓачката е идентификувана како 39-годишната Насим Агдам, жителка на Сан Диего. Податоците покажуваат дека таа била активист и учествувала во протести за правата на животните. „За мене, правата на животните се еднакви на човековите права“, ја пренесуваат медиумите нејзината изјава од 2009 година.

Во нападот биле повредени четири лица, од кои тројца со прострелни рани и тие биле однесени во локалните болници.

Исмаил Агдам, татко на жената осомничена за вооружениот напад, изјавил оти таа била лута бидејќи компанијата престанала да плаќа за видеата што ги објавувала на интернет-платформата.

Тој додал дека ја предупредил полицијата дека ќерка му можеби ќе отиде во зградата на „Јутјуб“ бидејќи, едноставно, ја мразела компанијата. Навел дека ќерката ја пријавил за исчезната во понеделникот бидејќи таа не одговорила на неговите телефонски повици претходините два дена.

Според сведочењето што го пренесе Си-ен-ен, жената пукала за време на ручекот на вработените и тоа кон определено лице во градината на ресторанот за вработените во „Јутјуб“.

Белата куќа изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, бил информиран за нападот во седиштето на „Јутјуб“. Локална телевизија објави снимки што покажуваат како вработените со подигнати раце ја напуштаат зградата.

Познатата интернет-платформа „Јутјуб“ е во сопственост на „Гугл“, од каде што објавија дека соработуваат во истрагата за овој инцидент и дека подоцна ќе објават подетаљни информации. Инаку, во седиштето на „Јутјуб“ работат околу 1.700 луѓе.

Спонзорирано: