8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Единствена Македонија“: Заев и Мицкоски ги здружија силите против Русија

Од партијата „Единствена Македонија“ денеска преку соопштение информираат дека со тоа што ВМРО-ДПМНЕ вчера ја поздравила и се приклучила на акцијата на СДСМ за протерување на рускиот дипломат од Скопје, уште еднаш се потврдило дека, како што велат, партијата „Погреб за Македонија“ составена од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ работи заеднички за уништување на Македонија и Македонците.

„Зоран Заев и Христијан Мицкоски како копретседатели на партијата ‘Погреб за Македонија’ под менторство на Џес Бејли и Чарлс Гарет ги здружија силите на антимакедонска основа против Русија, која, никогаш не го довела во прашање територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, името и идентитетот на македонскиот народ, рускиот претседател Путин на отворена сцена рече дека писменоста доаѓа од македонската земја“, се вели во партиското соопштение.

Меѓутоа, како што истакнуваат од „Единствена Македонија“, Заев и Мицкоски се солидаризирале со Велика Британија која во 1948 година фрлала напалм бомби врз Македонците во Беломорска Македонија, а сега, велат од партијата, се залага за промена на македонското име и идентитет.

„Со еден збор, Заев и Мицкоски од партијата ‘Погреб за Македонија’ се соживуваат со непријателите на македонското дело кои бараат обезличување на македонскиот народ“, констатираат од партијата.

Од „Единствена Македонија“ воедно цврсто го уверуваат рускиот народ дека зад срамната одлука не стои македонскиот народ, туку одлуката е резултат на Македонци со изгубено национално чувство, како што се вели, корумпирани и купени од странски ментори.