17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ВМРО-ДПМНЕ: Единствена цел на СДСМ е само оваа лепена коалиција да остане на власт

Потребите на граѓаните за СДСМ се на последно место, а на прво место е остварувањето на концесиите кон коалиционите партнери со цел задржување на своите фотелји, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ не прашува ниту за цена, ниту за последици кога се работи за партиските интереси. Законот за двојазичност, кој е резултат на класична уцена на корумпирани политичари, е донесен спротивно на сите процедури. Тој ги надминува рамките на Уставот и Рамковниот договор, целосно е неприменлив и штетен.

Ваквото законско решение ќе создаде дополнителни поделби во македонското општество по партиска и етничка основа, поделби кои ја загрозуваат унитарноста на државата.

Овој закон ќе има и огромни економски импликации врз буџетот на државата, како и директно влијание врз џебот на граѓаните поради огромните глоби што се предвидени во Законот.

Колку километри автопат, канализација, колку болници, градинки и игралишта можеа да се изградат со парите што се наменети за реализација на овој политички хир на владејачкото мнозинство? СДСМ наместо за проекти и реалните потреби на народот, сака да ги троши парите на граѓаните за зголемување на јавната администрација, удвојување на преводите и архивите на два јазика, менување табли и изготвување нови двојазични униформи и бaнкноти.

Оние кои први ја препознаа единствената цел на СДСМ, доаѓањето на власт по цена и на жртвување на националните интереси, беа првите кои се најдоа во притвор. Патриотите, меѓу кои се наоѓаат и уметници, интелектуалци, народни избраници, не се терористи. Овие луѓе го кренаа гласот против вистинската закана за уставниот поредок на држава, а тоа е Зоран Заев и СДСМ.

Секој час кој овие луѓе го поминуваат во притвор поради монтирани обвиненија е час повеќе кој нè дели од правната држава и нашите стратешки цели ЕУ и НАТО. Правдата мора да се врати. Правдата и ќе се врати, а тогаш сите оние кои постапувале политички, а не по словото на Законот и Уставот ќе сносат одговорност“, се наведува во соопштението на партијата.