22.8 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонија вечерва протера руски дипломат – еве што се случи

Министерството за надворешни работи попладнево објави соопштение во кое се наведува дека во знак на солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, донесена е одлука од земјава да биде протеран еден дипломат на Руската Федерација.

Во соопштението на македонското МНР се наведува дека одлуката е донесена во тесна консултација со партнерите од ЕУ и НАТО, а се однесува на случајот со труењето на поранешниот двоен руски агент, Сергеј Скрипал и неговата ќерка.

„Нелегалното користење на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, стои во соопштението на министерството.

Досега, САД, Канада и најмалку 14 земји на ЕУ, вклучувајќи ги Германија и Франција, донесоа одлука за протерување на руски дипломати во врска со случајот на труење на поранешниот разузнавач, Сергеј Скрипал.

САД денеска одлучија да го затворат рускиот конзулат во Сиетл и да протераат 60 руски дипломати. Дипломатските бранувања започнаа откако Велика Британија протера 23 руски дипломати поради наводна вмешаност на Русија во труењето на поранешниот агент на британско тло. Ваквиот потег потоа го прифатија повеќе земји сојузници, а Москва најави соодветни мерки.