7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Единствена Македонија“: Заев да ја прекине опасната авантура за промена на името

„Единствена Македонија“ денеска преку соопштение го осуди, како што велат од партијата, дрското и безобзирно лажење на премиерот Зоран Заев, кој вчера рекол дека сите политички партии и 75 отсто од народот биле за влез на Македонија во НАТО.

„Ова е очајнички обид на Заев да ја релативизира се поизразената јасна намера на македонскиот народ и еден дел од малцинствата за стратешки сојуз со Русија и членство на Македонија во Евроазиската економска унија“, се наведува во партиското соопштение.

Од „Единствена Македонија“ исто така повикуваат Заев, спроти утрешната посета на Никос Коѕиас, да каже зошто нема посебни советници за името и со таквиот несериозен пристап, како што се наведува, ги урива македонските позиции за името како прашање од највисок национален интерес.

„За споредба, грчкиот министер Никос Коѕиас доаѓа утре во Скопје со предлог-спогодба од 20 страници за името, подготвена од дури 60 советници – судии, професори по меѓународно право, искусни дипломати кои се дел од тимот советници на грчката влада за името во изминатите 27 години, а Зоран Заев без ниту еден посебен советник за името ‘ќе се спротиставува’ со излитени фрази за мудрост, разум, достоинствено решение, а кои воопшто не се корисни против геноцидната политика на Грција спрема Македонија и Македонците“, се наведува во соопштението.

Партијата „Единствена Македонија“ воедно го повикува премиерот да ја прекине опасната авантура за обезличување на македонскиот народ оти, како што велат оттаму, нема мандат за промена на името. Исто така го советуваат фокусот да го насочи кон Обединетите нации каде на земјава и стојат на располагање четири меѓународно правно-признати механизми за употреба на името Република Македонија во Обединетите нации.