17.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шест новинари убиени во Европа од почетокот на 2017 година

Убиството на младиот новинар во Словачка, Јан Куцијак, е шесто убиство на новинар во Европа од почетокот на 2017 година до крајот на февруари оваа година.

Западна Европа беше шокирана во октомври минатата година од убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција. Таа истражуваше случаи со корупција на медитеранскиот остров, а беше убиена со бомба поставена под нејзиниот автомобил. Претходни извештаи објавени во некои медиуми сугерираа дека Јан Куцијак исто така би можел да биде убиен поради својата истражувачка работа.

Ова се новинарите што беа убиени поради својата работа:

Јан Куцијак

Словачкиот премиер Роберт Фицо најави награда од еден милион евра за секој што ќе понуди информација за убиството на новинарот Јан Куцијак и неговата девојка, што се случи на 25 февруари. Неколку весници во Словачка го реобјавија неговиот последен текст, кој ја поврзува италијанската мафија со високо ниво на политичка корупција.

Дафне Каруана Галиција

Новинарката од Малта известуваше за корупција и перење пари и објави низа артикли поврзани со „Панамските документи“. Новинарката беше убиена на 16 октомври лани со бомба поставена под нејзиниот автомобил, непосредно по излегувањето од својот дом. Таа соработуваше со повеќе малтешки медиуми, а пред сè беше позната по блогот на кој откри повеќе скандали за корупција во кои биле вклучени соработници на малтешкиот премиер Џозеф Мускат и неговата сопруга. Два месеца по убиствот, полицијата уапси 10 лица. Тројца од нив – Вин Мускат и браќата Алфред и Џорџ Деџорџио – во декември лани беа обвинети за убиството. Тие пред судот се изјаснија дека се невини.

Ким Вал

Убиството на 30-годишната Ким Вал не е поврзано со мафија. Шведската новинарка загина за време на извршување работна задача која не беше поврзана со политика. Таа исчезна во август 2017 година додека снимала репортажа за прототип на цивилна подморница што ја направил данскиот научник и истражувач Петер Мадсен. Нејзиното тело беше пронајдено искасапено во морето 12 дена од нејзиното исчезнување. Мадсен е обвинет за убиството на Вал.

Дмитри Попков

Тој беше убиен на 24 мај лани на 42-годишна возраст. Објави извештаи за корупција и за злоупотреба на власта во Русија во својот весник „Тон-М“, Тој исто така објавувал и критички тестови за владејачката партија Обединета Русија. Тој беше застрелан со пет куршуми во неговата градина во Минусинск, Сиберија. Властите отворија истрага која засега не дала резултати.

Саид Каримијан

Иранскиот новинар беше убиен на 19 април лани на 45-годишна возраст во Истанбул. Тој беше сопственик на телевизиската мрежа „Гем ТВ“, која емитуваше програма од западните телевизии преведени на персиски јазик. Каримијан беше осуден во отсуство во Техеран за ширење пропаганда против Иран. Турската полиција спроведува истрага за убиството.

Николај Андрушченко

Тој беше убиен на 19 април лани во Русија на 73-годишна возраст, шест недели откако беше брутално претепан од непознати напаѓачи. Полицијата во Санкт Петербург отвори истрага за неговата смрт, но нема осомничени. Тој беше еден од основачите на свесникот Novy Petersburg, а пишувал текстови од областа на криминалот и човековите права.

Спонзорирано: