18.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Нема никаква оправданост за зголемување на старосната граница за пензионирање

Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е неприфатлива и штетна мерка од која ќе загубат граѓаните, но ќе преставува и товар за приватниот бизнис, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Секојдневно слушаме како владата се фали дека економијата оди добро, но од друга страна кога станува збор за пензискиот фонд тврдат дека има недостаток на пари. Вистината е дека оваа влада не умее да менаџира со парите на граѓаните. Пари има почитувани, потребни се капитални инвестиции и сериозен пристап“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, постојаната старосна граница за пензионирање е во рамките на просекот на европските земји и целосно одговара на демографските карактеристики.

„Очекуваното траење на животниот век во Република Македонија е за околу 5 години пониско во споредба со развиените земји и нема никаква оправданост за зголемување на старосната граница како услов за пензионирање. Кон ова треба да се додадат и се уште релативно лошите услови за работа во повеќе сектори од македонската економија, особено кај туридоинтензивните дејности кои придонесуваат за забрзано трошење на работната сила. Секако ваквата мерка ќе значи и помали шанси за вработување на младите луѓе, и помала компетитивност на пазарот“, истакнува Мицкоски.

Тој воедно подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи со зголемување на старосната граница за пензионирање, бидејќи, како што рече, тоа е чекор кој е израз на неспособност да се менаџира со јавните финансии и тоа никако не треба да се прекрши на грбот на работниците.