Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Заедничка вежба на пожарникари од Македонија, Грција, Албанија и Бугарија во грчкиот град Птолемаида

фото Pixabay

(МИА) – Пожарникари од Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, во април ќе одржат заедничка вежба во грчкиот град Птолемаида, за да се донесат заклучоци за соработката, соопшти алтернативниот министер за цивилна заштита на Грција за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Никос Тоскас, вели дека позицијата на Птолемаида, од многу аспекти помага во соработката со балканските земји.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, темелите на конкретната соработка меѓу четирите земји беа поставени на министерскиот состанок во Солун, во октомври минатата година, а официјалниот почеток на соработката беше означен со средбата на раководителите на службите за противпожарна заштита и спасување од Македонија, Албанија, Бугарија и Грција, токму во Птолемаида, пред два месеца.

Во грчкиот град Птолемаида, во северниот дел на Грција, се наоѓа и Школата за пожарникари, а веднаш до академијата ќе се изгради и Меѓународен центар за цивилна заштита.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, центарот за обука и пракса за справување со сите природни катастрофи, а посебно со пожарите, што е по иницијатива на грчкиот министер Тоскас, ќе биде добра можност за спроведување на нови методи и создавање на заеднички фронт за цивилна заштита меѓу земјите од Балканот и поширокиот регион.