16.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
илустрација
МАКЕДОНИЈА

Армијата ќе се подмлади со 375 војници

Покачувањето од 10 проценти за сите припадници на Армијата започнува со јануарската плата, а поради недостиг од млад кадар годинава во редовите на АРМ ќе бидат примени и нови 375 професионални војници, порача министерката Шекеринска при денешната посета на Здружената оперативна команда во кумановската касарна „Боро Менков“.
„Уште еднаш можам да потврдам дека на крајот на јануари практично започнува исплатата на 10-процентно зголемените плати на целокупниот персонал во служба на Армијата, покачување што со години не се случувало и кое покажува дека оваа Влада води сметка за подобрување на животниот стандард на вработените во АРМ, а со тоа ја зголемува и подобрува борбената готовност на нашата Армија“, рече министерката.
Еден од предизвиците со кои се соочува АРМ е недостигот на млад кадар, рече министерката и најави прием на нови 375 професионални војници за оваа година.
„Годинава во три дела ќе извршиме прием на нови 375 професионални војници во Армијата на Република Македонија. Така ќе ја подмладиме нашата Армија, ќе им понудиме шанса за воена кариера на некои од нашите млади и ќе ја зголемиме борбената готовност, но и капацитетите на АРМ“, рече министерката Шекеринска и најави дека првиот конкурс ќе се објави во февруари.
„Целта ни е младите да добијат информација за тоа кои критериуми се неопходни и оние што немале шанса доброволно да служат војска, да имаат можност тоа да го направат и да конкурираат во вториот или во третиот рок“, рече министерката.
Вториот конкурс се планира пред почетокот на летото, а третиот кон крајот на оваа година. Шекеринска информира дека за овој прием се обезбедени средства во буџетот.
Додаде дека приемот на овие 375 професионални војници, освен што ќе го подмлади армискиот состав, значи дека Владата е спремна да инвестира во подобро опремена, подобро подготвена и подобро платена Армија.
Во однос на набавката на нови униформи, министерката рече дека во годинашниот план за јавни набавки има значителна сума со која ќе може да се обезбеди основна и резервна униформа за секој припадник на АРМ.
„Сега очекуваме надлежните служби во Армијата да подготват техничка спецификација и да почне процесот на јавни набавки. Пари во буџетот за оваа намена се обезбедени и сакам да ги повикам и текстилните компании во Република Македонија, во консултации со нас, ќе имаме технички дијалог, ќе ги презентираме некои од овие барања, да се вклучат за да добиеме и поквалитетна и подобра, а по можност и домашно произведена униформа“, рече Шекеринска.
Министерката беше и во обиколка на касарната „Боро Менков“ во Куманово и се запозна со условите за работа на припадниците на АРМ во оваа касарна.
Спонзорирано: