25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Можеме да извлечеме значајни искуства од преговорите на Србија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Србија оствари средби со претседателот на Одборот за европски прашања во парламентот на Република Србија, Ненад Чанак, како и со координаторот на Националниот конвент за ЕУ на Република Србија, Наташа Драгојловиќ.

Како што информираат од Кабинетот на Османи, на средбите се разговарало за заемната поддршката во процесот на пристапување кон Европската Унија, а посебен акцент бил ставен на размената на мислења, искуства, но и воспоставувањето механизми и комуникациски канали за натамошна соработка во евроинтегративните процеси.

Османи го истакнал интересот на Република Македонија, а особено на Секретаријатот за европски прашања, за размена на искуства во однос на подготовка и обука на тимот за преговори, како и за најважните предизвиците со кои се соочуваат земјите при самото почнување на преговорите.

„Како предводник на Секретаријатот за европски прашања имам преземено обврска да обезбедам соодветна подготовка за евентуален почеток на преговорите на Република Македонија за што искуствата од Србија, како земја преговарач, претставуваат исклучително значајна придобивка за нас“, изјавил Османи.

За време на средбите биле отворени и темите за регионалната соработка во насока на регионалните европски иницијативи, како што е Берлинскиот процес.