6.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(ВИДЕО) Јанушев: Владата сака Законот за јазиците да го протурка на мала врата

Законот за јазиците, кој беше предложен од Владата, а изгласан од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, е неуставен и практично неприменлив. Со ова решение злоупотребено е и европското знаменце на законот, а воедно се придонесува и кон изградба на паралелен систем во државата, спротивно на правниот нормативен систем, предупреди Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со овој закон се надминува Уставот, се влијае и на менување на карактерот на државата, притоа загрозувајќи го нејзиниот суверенитетот и доведувајќи ја во прашање нејзината унитарност.

Владата сака Законот за јазиците да го протурка на мала врата, без поширока консултација со стручната и експертската јавност која во голем дел се изјасни против. Воедно, овој закон се носи и без присуство на опозицијата во парламентот, што укажува на штетноста на законското решение и неспремноста со демократски амбиент да се носат решенија од кои корист ќе имаат сите граѓани во Република Македонија.

Истовремено, со овој закон ќе се влијае и ќе се создаде еден голем и нефункционален систем, чија примена ќе има и практични тешкотии.

Предлагачот на овој закон е Владата на Република Македонија, која е предводена од Зоран Заев, а негов потписник е заменик-претседателот на Владата, Радмила Шекеринска. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува Владата да го повлече ова противуставно законско решение, кое е штетно за државата и граѓаните. Притоа бараме да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертската и стручната јавност од правните факултети во државата, претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, господинот Ѓорге Иванов, како и претставници од Македонската академија на науките и уметностите и тие треба да работат на утврдување на потребата за носење ваков закон и отстранување на неуставните елементи на Законот за јазиците.

Секое унапредување на правата на заедниците треба да е во рамките на Уставот на Република Македонија и низ процес на консултации со релевантните субјекти и експертската јавност.

Oчекуваме разумен одговор од Владата и однесување што е во согласност со интересите на државата и сите нејзини граѓани. Потребен е дијалог за сите отворени прашања.

Вистинскиот натпревар и бенефит за граѓаните треба да е економијата, а не темите што се злоупотребуваат од субјектите на власта, и тоа за дневнополитички теми. Вистинскиот фокус треба да се областите кои реално ќе го подобрат животот и ќе го унапредат животниот стандард на граѓаните, кој во реалноста и понатаму опаѓа. Интегрирано општество ќе се постигне со економски напредок и инвестиции, со подобро образование, со подобро здравство. Не со теми што ќе ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми на граѓанинот“, додаде Јанушев.

Спонзорирано: