Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба на Иванов со бугарскиот амбасадор Петков за европските перспективи на регионот

Претседателот Ѓорге Иванов оствари средба со бугарскиот амбасадор во земјата, Иван Петков, кој ги претстави приоритетите и програмата на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2018 година.

„На средбата претседателот Иванов посака успешно спроведување на програмата на бугарското претседателство и успех во реализацијата на приоритетите. Македонскиот претседател изрази задоволство што меѓу главните приоритети на бугарското претседателство е европската перспектива на регионот. Зголемениот интерес на ЕУ за регионот, според претседателот Иванов, укажува на тоа дека постои позитивна политичка клима за проширување на ЕУ, што е исклучително важно како за Македонија така и за целиот регион. Претседателството на Република Бугарија е одлична шанса за искористување на оваа позитивна политичка клима“, соопшти Кабинетот на претседателот.

Иванов изрази очекување дека Бугарија ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори на земјата со ЕУ. „Македонија очекува натамошно динамизирање на интегративните процеси. Перспективата за членство во Европската Унија е наша единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет. Одложувањето на почетокот на преговорите се покажа како непродуктивен пристап – влијае демотивирачки, создава фрустрации и тензии во нашето општество“, рече Иванов на средбата.

Македонскиот претседател изрази надеж дека двете земји ќе продолжат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот и да го одржат позитивниот напредок во билатералната соработка, што е остварен во изминатиот период. „Република Македонија како и досега така и во иднина ќе настојува да гради и развива здрави добрососедски односи со Република Бугарија врз основа на меѓусебно почитување, искреност, заемна доверба и рамноправност“, рече претседателот Иванов на средбата со бугарскиот амбасадор Иван Петков.

Спонзорирано: