20.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СДСМ: Единствената стратегија на ВМРО-ДПМНЕ е да создава лажни вести

Со лажните информации што денеска ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш се докажа дека опозициската партија е изгубена во реалноста, а единствената нејзина стратегија е создавање лажни вести, реагираат од СДСМ на денешната прес-конференција на Михајло Маневски од ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ ги помеша годините и фактите за корупцијата, па објави информации за пад на индексот на корупција, кои се однесуваат на 2016 и 2015 година кога во Македонија владееше корумпираната власт на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Токму владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 10 години претставува симбол за криминал, корупција и погрешни политики на штета на граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека во наведениот период граѓаните осиромашувале и, како што наведуваат, се случиле најголемите корупциски скандали – од познатите провизии за патишта, преку скандалите со местењето тендери, па сè до плацовите на Водно.

„Доказ за степенот на корумпираноста на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ се и многуте судски процеси за кривични дела поврзани со криминал и корупција што се водат против поранешни државни функционери од оваа партија. За разлика од коруптивното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ преку Владата што ја предводи ги санира штетите од корупцијата, ги зајакнува и ослободува институциите, спроведува мерки за владеење на правото и создава услови за вистинска борба против корупцијата и криминалот“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ истакнуваат дека Македонија станува правна држава во која нема да има никаква толеранција кон каков било тип корупција и во која секој што ги прекршил законите ќе одговара за своите постапки.