24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонија и Косово на заеднички комитет разменуваа искуства и идеи за европската интеграција

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес беше домаќин на првиот заеднички комитет за европски интеграции меѓу Република Македонија и Република Косово.

Како што информираат од Кабинетот на Османи, од страна на Република Косово на комитетот присуствувале претставници од Министерството за европски интеграции на Косово, предводени од министерката за европски интеграции, Дурата Хоџа, а од македонска страна, покрај вицепремиерот, биле присутни и претставници на Секретаријатот за европски прашања и на Министерството за надворешни работи.

Состанокот се одржа во рамките на спогодбата за соработка за прашања од областа на европската интеграција, потпишана помеѓу Секретаријатот за европски прашања и Министерството за европска интеграција на Република Косово.

Пред почетокот на средбата Османи изразил задоволство од одржувањето на првиот состанок на заедничкиот комитет за европски интеграции меѓу двете земји, што, според него, како работно меѓудржавно тело ќе ја одигра главната улога за размена на стекнатите знаења, унапредувањето на меѓуграничната и регионалната соработка, размената на искуства, но и размената на идеи и предлози во насока на евро-атлантските аспирации на двете земји.

Покрај придобивките од размената на меѓусебни искуства, на состанокот биле отворени и темите за досегашните активности во рамките на регионалната соработка, особено во контекст на регионалната соработка во рамките на ЕУ-фондовите, како и за заедничките проекти во рамките на берлинскиот процес.