16.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Демонстрации пред Влада – еве што се случува

Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија денеска, во 5 до 12, ќе одржи протест пред Владата.

Претседателот на Конфедерацијата, Благоја Ралповски, вчера извести дека имале средба со заменик-претседателката на Владата, Радмила Шекеринска, со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, со министерката за образование, Рената Дескоска, и со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

„На состанокот беа изнесени и образложени нашите барања на кои остануваме и понатаму и беше заклучено дека конструктивен социјален дијалог треба да има во конструктивна атмосфера и дека треба да престанат притисоците врз синдикалните лидери, каде што ќе бидат откриени. Ние како раководство остануваме на линија на нашите барања затоа што тоа е наша обврска и по тој повод ги повикуваме сите наши членови да излезат на јавен предупредувачки протест и да дадат свој личен придонес за остварување на социјалните барања за повисока плата, за подобри услови за работа, за почит во општеството, за себе, за своето семејство, за подобра иднина, за живот…“, рече претседателот Ралповски.

Протестот ќе почне кај портата „Македонија“ во 11 часот и ќе се маршира покрај Министерствтото за правда до Владата, каде што е предвидено да се стигне во 5 минути до 12 часот.

Организаторите најавија дека ова е само предупредувачки протест и дека тие нема да престанат со активностите сè до исполнување на барањата. Конфедерацијата бара веднаш да престанат притисоците врз вработените во јавниот сектор, а особено притисоците врз синдикалните претставници и обидот за задушување на синдикалното движење, веднаш да се пристапи кон усогласување на платите во јавниот сектор во согласност со зголемувањето на минималната плата од октомври 2017 година, веднаш да започнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор, без дискриминација на одредени дејности, веднаш да почнат преговори за измена и дополнување на Општиот колективен договор за јавниот сектор, со цел подигнување на работничките права во делот на минат труд, правото на регрес за годишен одмор и породилното отуство и задолжително да се усогласуваат барањата за платите во јавниот сектор помеѓу репрезентативните синдикати и Владата пред секое планирање на буџетот на Р. Македонија.

Спонзорирано: