20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

ВМРО-ДПМНЕ: Македонските патриоти се жртви на политичка инквизиција

Институциите уште еднаш паднаа на тестот за владеење на правото. Судот со одлуката да ги отфрли жалбите за ослободување од притвор на патриотите кои ја бранеа оваа држава уште еднаш потврди дека ги подржува катастрофалните политики кои водат кон се поголем раздор и продлабочување на кризата, стои во денешното соопштение до јавноста на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму истакнуваат дека институциите не покажале минимум зрелост да работат за граѓаните, како што тоа им е наложено согласно закон и Устав.

„Уметниците, пратениците, полициските службеници и останатите притворени во врска со настаните од 27 април не се терористи! Тие не сториле никаков терористички акт, немале намера да се сокријат од правдата, ниту пак влијаеле или имале намера да влијаат врз истрагата. Оперските пејачи, глумците, режисерите, архитектите, докторите и останатите се жртви на политички прогон само заради тоа што имаа храброст гласно да го искажат своето несогласување со антидржавните политики на власта“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, одлуката на Апелациониот суд за продолжување на притворите на лицата од настаните од 27 април е скандалозна и не се темели на факти и докази, туку на гола политичка конструкција.

„Прогонот на десетици невини луѓе за фабрикувано дело тероризам мора да запре. Тие се жртва на политичката инквизиција која и се случува на Република Македонија. Не се почитуваат нивните основни човекови права. Правосудните органи треба да знаат дека мерката притвор е мерка за обезбедување на присуство, а не мерка која треба да се користи за изживување врз политичките неистомисленици“, велат од паријата и додаваат дека судството не смее да биде алатка на политиката.

„Политичкиот прогон и малтретирањето на овие луѓе мора да запрат. Бруталното замолкнување и заплашување на сите кои не се согласуваат со антидржавните политики на актуелната власт ќе има контра-ефект и ќе го зголеми револтот“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека една од основните цели на Република Македонија е обврската земјата да се придвижи кон Евроатланските структури, како и да се зачува демократијата и правната држава, но сметаат дека додека институциите се користат за монитирање и фабрикување на судски и кривични постапки, Република Македонија и нејзините граѓани се далеку од Европските перспективи.