17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ: Законот за двојазичност е неуставен, институциите ќе потонат во преводот

Законот за двојазичност кој денеска го изгласа парламентарното мнозинство е неуставен, реагира опозицијата откако денеска мнозинството во Собранието даде зелено светло за Законот за јазици.
„Со овој чин власта покажа дека највисокиот правен акт, Уставот на државата, за неа е само парче хартија.  Овој закон беше донесен со измама, односно лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување закони од важност за интеграција на земјата во Европската Унија. Власта треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните“, смета опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение потенцираат дека законот не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, туку напротив ги продлабочува разликите и оди на штета на хомогеноста на македонското општество.
„Двојазичноста ќе креира хаос во правниот промет. Истата ќе создаде неефикасни институции кои ќе потонат во преводот помеѓу јазиците, наместо да бидат од реална полза за граѓаните и да работат во извршување на работата за која постојат. Законот ќе создаде паралелизам во сите институции како на централно ниво, така и на локално ниво. Два јазика – две архиви. Ова ќе предизвика дополнителни финансиски импликации за опрема, нови вработувања и нови простории, трошок кој ќе треба да се покрие од парите на македонските даночни обврзници“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека граѓаните имаат потреба од реални мерки и проекти кои ќе бидат во насока на подобрување на условите за живот.
ВМРО-ДПМНЕ речиси еден месец не присуствува на седниците во Собранието, во знак на протест против апсењата за настаните што се случија во законодавниот дом на 27 април.