11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ Прилеп обвинува за незаконско поставување директори

Општинскиот комитет ВМРО-ДПМНЕ Прилеп го обвини градоначалникот за незаконско поставување на директорката на градинките во Прилеп.

„Г. градоначалниче Илија Јованоски, Ве повикуваме пред целата јавност да кажете по кој закон е именувана директорката на градинките во Прилеп, Благица Филипоска, која вчера по Ваша наредба си поднесе оставка во попладневните часови и на нејзино место експресно ставивте друг директор?“, прашуваат од партијата.

Од таму велат дека Филипоска со наредба на Јованоски е вработена со договор за еден месец на местото помошник-раководител на една од градинките на 24 ноември лани за само по 3 дена, т.е. на 27 ноември, е именувана за в.д. директор на градинките во Прилеп.

„Минатата недела веќе ги повикавме и Просветниот и Трудовиот инспекторат да ја контролираат работата во училиштата и градинките во Прилеп. Сега повторно ги повикуваме веднаш да преземат соодветни мерки“, велат од партијата.

Од таму ја повикуваат и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, да каже како оваа, како што велат, незаконски поставена в.д. директорка потпишуваше документи и каква одговорност имаат сите погоре посочени страни?