8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Народна банка: Пораст на активноста во индустријата и во трговијата, градежната активност се намалува

На 9 јануари 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи на 10 јануари да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25%.
Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на макроекономските проекции од ноември минатата година, при што беше заклучено дека економските основи се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Сепак, беше истакнато дека сѐ уште постојат сегменти каде што се присутни одредени ризици и коишто упатуваат на потреба од одржливо подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти. Во вакви услови на здрави економски основи, но и понатаму присутни ризици, потребна е внимателност во однос на промените во монетарната поставеност.
Во однос на најновите макроекономски показатели, по падот на активноста во првата половина на 2017 година и умереното закрепнување во третиот квартал, досега расположливите високофреквентни показатели за активноста во последното тримесечје од минатата година, генерално упатуваат на понатамошно закрепнување на економијата. На ваква констатација посочуваат податоците за активноста во индустријата и во трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Воедно, на подобри економски услови во последното тримесечје посочуваат и показателите за економскиот сентимент на економските субјекти.
Податоците за инфлацијата за 2017 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво од 1,4%, кој се должи на растот на базичната инфлација, а во мал дел и на енергетската компонента. Остварувањата кај инфлацијата се во согласност со проектираната просечна инфлација за 2017 година од 1,3%. Во услови на остварувања во рамки на проекцијата, а при истовремена ревизија на очекувањата за одделните увозни цени во различни насоки, засега ризиците околу проектираната инфлација за 2018 година од 2% се оценуваат како урамнотежени.
Во последното тримесечје од минатата година, девизните резерви забележаа раст, во услови на поволни движења на девизниот пазар и интервенции на НБРМ со нето откуп на девизи. Движењата на резервите во последниот период се подобри од очекувањата, a сите показатели за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.
Бројот на расположиви податоци за надворешниот сектор за последното тримесечје е ограничен, но засега достапните податоци за надворешната трговија заклучно со ноември минатата година и податоците за менувачкото работење, како клучни компоненти на тековната сметка, упатуваат на нешто помал дефицит во тековната сметка од очекуваниот.
Во отсуство на нови податоци за монетарните и кредитните агрегати и понатаму остануваат оцените дадени во ноемвриските податоци, според кои депозитните и кредитните текови се движат во согласност со очекувањата. Монетарните податоци за ноември минатата година, слично како и во октомври, покажаа солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем како резултат на депозитите на населението, но и на прирастот на корпоративните депозити. На годишна основа, во ноември, вкупните депозити забележаа раст од 5,7%. На кредитниот пазар кредитирањето продолжи забрзано да се зголемува, при речиси рамномерна распределба на кредитите кај секторот „население“ и кај корпоративниот сектор, при што вкупната кредитна активност забележа годишен раст од 5,6%.
Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидноста во банкарскиот систем забележа релативно висок раст, што се должи на интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи, во износ од 44,7 милиони евра. Релативно високиот откуп на девизи во анализираниот период беше остварен во услови на поволни движења на девизниот пазар, коишто се манифестираа со раст на понудата на девизи од менувачниците, како сезонски ефект пред божиќните и новогодишните празници и пониска нето-побарувачка на девизи од фирмите, на месечна основа. Со овие движења, на збирна основа, во 2017 година Народната банка оствари релативно висок нето-откуп на девизи во износ од 65,6 милиони евра.
Во текот на декември минатата година банките ги надоместуваа краткорочните ликвидносни потреби на пазарот на меѓубанкарски депозити, а дел од вишокот слободни ликвидни средства, банките го насочија во расположливите депозити кај Народната банка.
Во текот на минатиот месец во фокусот на вниманието на пазарните учесници на меѓународните финансиски пазари беа состаноците на ЕЦБ и на ФЕД. На состанокот на ЕЦБ беше потврден ставот за продолжување на програмата за откуп на хартии од вредност најмалку до септември 2018 година, додека прогнозите за економскиот раст на еврозоната беа ревидирани нагоре. Притоа, и во текот на минатиот месец, објавените макроекономски податоци за еврозоната беа поволни, што овозможи зајакнување на вредноста на еврото. Како резултат на тоа, во текот на 2017 година еврото забележа апрецијација од околу 14% во однос на американскиот долар, што главно се поврзува со намалените согледувања за политички ризици и солидните економски остварувања во еврозоната. Во САД, на состанокот на ФЕД беше донесена одлука за зголемување на таргетот за распонот на каматните стапки за 25 базични поени, на ниво од 1,25% до 1,5%, при натамошно подобрување на условите на пазарот на труд и солидни економски остварувања. Исто така, беше усвоена даночната реформа, согласно со предлозите на американскиот претседател, што придонесе за зголемување на приносите на американските државни обврзници.
Сумирано, на седницата беше заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски основи.
Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.