17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Народниот правобранител реагира, а судот молчи за полициската бруталност

Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков и другите приведени, меѓу кои и шесте пратеници, не се терористи, туку политички затвореници. Никогаш ниту сториле ниту имале намера да сторат нешто против сопствената земја, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Притворените лица од 27 април се жртва на политички прогон. Против нив се води случај без никакви докази и аргументи, само заради тоа што имаа храброст гласно да го изразат негодувањето со политиките на власта. Против десетици луѓе беше поведен конструиран случај и беа приведени незаконски пред очите на своите семејства. Кај овие луѓе што политички ги прогласија за терористи, полицијата, која беше испратена во нивните домови, не пронајде ниту едно парче оружје или каков било предмет со кој би можела да се загрози безбедноста. Тоа го докажува апсурдот на обвинението и го дава одговорот на прашањето какви се тие терористи чие главно оружје е театарско сценарио, оперско либрето или некоја книга.

Постапките што се спроведуваат против уставобранителите се незаконски и правно неосновани.

Република Македонија не е демократска држава. Во Македонија во моментот 5 отсто од целокупниот собраниски состав, односно 12 проценти од опозицијата, е во притвор. Тие пратеници се под директна закана со измислено обвинение за тероризам. Ова е обид да се замолчи секаква критичка мисла и со страв да се блокира контролната функција на законодавната власт.

Народниот правобранител реагира на полициската бруталност и непочитување на законите при притворање на уставобранителите. Основното јавно обвинителство и судот молчат за овој срам.

Демократијата, правната држава и владеењето на правото мора да се вратат во Македонија. Судот треба да биде гарант на законитоста во постапките и е должен да се издигне над притисокот. Интелектуалците не смее да бидат жртви на институционално политичко насилство во обид да се заплаши и пасивизира македонскиот народ.
На Република Македонија ѝ се потребни владеење на правото и општествено помирување, а не генеза на омраза преку злоупотреба на институциите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.