Во последните месеци од минатата година беше изготвен нов текст на предлогот на Закон за приватните агенции за вработување. Во процесот беше обезбедено широко учество на сите засегнати страни, вклучително и на постоечките агенции за посредување за вработување и агенции за привремени вработувања, информира Министерството за труд и социјална политика.
„Основањето и функционирањето на постоечките два типа приватни агенции за вработување, агенциите за посредување за вработување во земјата и во странство и агенциите за привремени вработувања, беше уредено со два посебни закони: Законот за агенциите за привремени вработувања и Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност. Ваквото уредување на материјата, којашто по својата суштина е многу слична, честопати доведуваше до забуна и правна несигурност кај потенцијалните кандидати за вработување и основачите на агенции“, велат од МТСП.
Цел на предлогот, велат од таму, е да постои единствено регулирање на приватните агенции за вработување и надминување на постојните проблеми при имплементација на законите, кои како предмет на уредување ги имаат приватните агенциите за вработување, како и заштита на работниците вработени преку овој вид агенции од можни злоупотреби.
Предлогот беше ставен на разгледување на седница на Економско-социјалниот совет на која присуствуваа и преставници од агенциите. Советот, како национално трипартитно тело даде позитивно мислење за предлог-законот, и истиот е доставен до Владата.
Спонзорирано: