Претседателот на Собранието, Талат Џафери не сака да го послуша повикот на премиерот Заев за повлекување на роднините и блиските членови на семејствата на функционерите, вработени во државни институции. На брифинг со новинарите Џафери рече дека не било на партиите или поединците да одлучуваат за ова , туку имало комисија надлежна за прашања поврзани со непотизам и судир на интереси. Тој пред новинарите го цитираше член 9 од Уставот каде стои „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.“
Пред неполн месец антикорупциската комисија по допрен глас отвори предмети за 18 лица, роднини на функционери кои изминатиов период се вработиле во државни институции, а меѓу кои е и ќерката на собранискиот спиекр, Бесија Џафери, вработена во ЕЛЕМ. При изборот на новиот состав на ДКСК во јавноста се отвори и прашањето за релацијата на Џафери со еден од членовите, Нури Бајрами, со кого е баџанак, но комисијата едногласно одлучи во случајот нема судир интереси.