Екипите на зимската служба на Град Скопје интензивно работат на терен на расчистување на снегот од коловозите и тротоарите на улиците и булеварите, информираат градските власти.
Додаваат дека зимската служба будно ја следи состојбата на терен и ќе интервенира според потребите.
„Град Скопје за оваа зимска сезона обезбеди 4.000 тони сол, што заедно со преостанатите количества од минатата сезона изнесува 4.500 тони сол, како и 300 тони ладен асфалт“, се наведува во соопштението.
Во него се истакнува и дека покрај коловозите, екипите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ на терен со механизација и рачно го чистат снегот од тротоарите, додека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ работат на чистење на сливниците.
„Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување“, велат од градот.
И оваа сезона во Скопје ќе биде ангажира дополнителна механизација од 15 камиони, кои се опремени со навигациони уреди и возачи кои ќе ги опслужувааат перманентно во текот на целата сезона.
Градските власти им препорачуваат на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Воедно апелираат до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.