24.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Тодоров-Хан: Да запрат заканите кон оние кои не мислат како раководството на ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот висок партиски функционер и министер за здравство, Никола Тодоров, кој неодамна раководството на ВМРО-ДПМНЕ го исклучи од партијата, се сретна со еврокомесарот Јоханес Хан на маргините на самитот на Европската народна партија, кадешто се наоѓа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тодоров на неговиот профил на „Фејсбук“ објави фотографии од средбата со Хан и напиша дека двајцата разговарале за евро-перспективите на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, како и за заканите кон оние кои мислат поинаку од актуелното партиско раководтство.

„Од двете страни беше изразена силна поддршка за евро-интегративните процеси на Македонија и потребата од имплементација на реформите неопходни за интеграција на Македонија во ЕУ. Беше истакната и неопходноста од демократизација преку измена на статутот на партијата со цел ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да дејствува како европска, модерна центар-десна партија“, напиша Тодоров.

Тој додаде дека од страна на Хан било потенцирано дека заканите и притисоците мора да запрат и била изразена јасна поддршка за одлучните и храбри чекори кои се во правец на интеграцијата на Македонија во Европската Унија.

На Конгресот на ЕПП покрај претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски, секретарот за меѓународна политика Влатко Ѓорчев и советникот за меѓународна политика Тимчо Муцунски, за првпат беше поканета и втора партиска делегација, односно членовите кои ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи од партиските функци. Поканети биле разрешниот заменик-генерален секретар Петар Богојески и разрешениот член на Извршниот Комитет, Костадин Богданов, како и разрешениот потпретседател на партијата Митко Јанчев и Никола Тодоров.

Јанчев и Богданов останаа во Скопје, додека за Хелсинки заминаа Богојески и Тодоров.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера оствари средба со Хан, по којашто еврокомесарот на неговиот профил на „Твитер“ напиша дека бил кристално јасен оти договорот од Преспа мора да се финализира.

Спонзорирано: