19.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
илустрација / Pixabay
МАКЕДОНИЈА

За време на викендот во Скопје се случиле 29 сообраќајни незгоди, едно лице го загубило животот

Во текот на изминатите неколку денови, односно за време на викендот на подрачјето на секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 29 сообраќајни незгоди од кои една сообраќајна незгода е со загинати лица, две со тешки телесни повреди, 14 сообраќaјни незгоди со телесни повреди и 12 со материјална штета, соопштуваат од МВР.

Од полицијата наведуваат дека во сообраќајните незгоди едно лице го загубило животот, три лица се здобиле со тешки телесни повреди и 19 лица се здобиле со телесни повреди.

По преземените мерки и активности од страна на полицијата било констатирано дека 253 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај се исклучени 112 возачи од кои „50 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 52 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и 10 возачи затоа што биле возачи почетници“, се наведува во соопштението на МВР.

Исто така, како што информираат од полицијата, од сообраќај се исклучени и 57 возила бидејќи 56 биле нерегистрирани, а едно возило било технички неисправно.

„Санкционирани се 10 возачи поради поминување крстосница на црвено светло, двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, двајца поради неправилно престројување, двајца возачи поради неправилно престигнување и еден возач поради неносење заштитен шлем (кацига)“, се посочува во соопштенеито на МВР.

Во однос на пешаците, од полицијата наведуваат дека санкционирани се двајца пешаци поради поминување коловоз надвор од пешачки премин и 13 пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 156 мандатни платни налози и 104 возила се подигнати со специјално возило „пајак”.

Спонзорирано: