Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по покана на владата на Кралството Шведска учествува на дводневниот глобален самит со наслов: „Агенда 2030 за децата: самит за изнаоѓање на решенија за искоренување на насилството“, што во организација на владата на Кралството Шведска и меѓународната организација „Глобално пријателство“ се одржува во Стокхолм.
На самитот присуствуваат високи претставници од речиси сите земји членки на Обединетите нации, како и претставници на УНИЦЕФ, Светската здравствена организација и повеќе реномирани меѓународни невладини и други организации, а е поделен во повеќе работни сесии, на кои низ повеќе аспекти се дебатира и се носат одлуки за изработка на концизна стратегија за конечно искоренување на насилството врз децата.
Инаку, Република Македонија како потписник на Конвенцијата за правата на детето и повеќедецениски партнер на УНИЦЕФ во рамките на правниот систем имплементира низа законски и подзаконски акти во насока на заштита на децата и унапредување на нивните права, вклучително и преку Законот за правда на децата. Имајќи го сето тоа предвид, Република Македонија ќе продолжи и понатаму да им обезбедува на децата заштита и грижа, кои се неопходни за нивната благосостојба.