10.8 C
Скопје
14. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

10.000 луѓе од целата земја се движат кон Берлин: се подготвува најголемата блокада во Германија

Германските земјоделци за денеска најавија протести пред Бранденбуршката порта во Берлин, барајќи преиспитување на плановите за воведување повисоки даноци за земјоделците.

На протестите се очекува да учествуваат 3.000 земјоделци на трактори, 2.000 камиони и 10.000 луѓе од цела Германија.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер планира да им се обрати на учесниците на протестот, а лидерите на партиите од владејачката коалиција ги поканија претставниците на земјоделците на разговор.

Германските земјоделци минатиот понеделник почнаа да ги блокираат пристапните патишта во делови на Германија, како спротивставување на планот на владата да ги прекине даночните олеснувања за купување дизел што се користи во земјоделството.

Владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц минатиот месец предложи планови за ставање крај на даночните ослободувања за земјоделските возила и даночните олеснувања за дизелот. Тие планови се дел од пакетот за пополнување на буџетскиот дефицит од 17 милијарди евра за 2024 година.

Во четвртокот, германската влада делумно попушти, велејќи дека даночното ослободување за земјоделските возила ќе се задржи и дека намалувањето на даночниот кредит за дизелот ќе се укине во текот на три години. Сепак, германската асоцијација на фармери соопшти дека сè уште инсистира на целосно повлекување на плановите на владата.