8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Дигитален самит: Феноменот на „лажни вести“ е намерно поткопување на демократските процеси

Обемната агенда на Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан беше заокружена со посебна работилница за појавата на лажните вести, како неизбежна, нус-појава од глобалната дигитализација.

Модератор на оваа завршна сесија беше министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој по воведното излагање му даде збор на министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за отчетност, транспарентност и комуникации, Роберт Поповски, кој се осврна на изминатиот период и ефектите од системската дистрибуција на лажни вести во нашата земја.

„Нема поголем непријател на вистината од лагата, но истовремено вистината е најдобар одговор на лажните вести“, истакна тој и потоа се фокусираше на следните чекори кои Владата планира да ги преземе во справувањето со овој феномен.

Поповски изрази поддршка за оние кои работат во сферата на истражувачкото новинарство во земјата и информираше дека Владата веќе презеде мерки, како дел од реформите во медиумите, за да се подобрат состојбите во новинарството, а со тоа и за борбата со лажните вести.

Метју Џејкобс од Бирото за Европа и Евроазија со американскиот Стејт департмент, и одговорен за борбата против лажните вести во оваа институција, го дефинираше феноменот на „лажни вести“ како намерно поткопување на демократските процеси. Неговата анализа беше дека корисниците се тие што ги актуелизираат лажните вести, а не ботовите и други автоматизирани дигитални процеси. Во однос на чекорите што треба да бидат преземени, тој истакна дека решението мора да биде фокусирано на корисниците, а не на автоматските процеси. Џејкобс заврши со заклучокот дека владите генерално мора да се подобрат во дигиталната комуникација и дека координирана дигитална соработка е клучна во овој процес

Новинарката и филмски продуцент Рејчел Рајт од Би-би-си информираше дека во оваа медиумска куќа постои цел оддел кој работи на проверка на фактите за осигурување дека информациите кои се пласираат се точни.

„Работата на новинарите е да бидат објективен филтер на случувањата околу нас, но феноменот ‘лажни вести’ го поткопува овој процес“, рече таа и заврши со заклучокот дека новинарите треба да ги „тренираат“ граѓаните да бидат еден своевиден тип на новинари, во процесот на барање на вистината и фактите.

Ерик Брнс, комуникациски и медиумски стратег, изведе заклучок дека лажните вести се всушност еволуција на дезинформациите и дека „Фејсбук“ денес е главен извор на вести. Тој кажа дека еден фундаментален проблем во целата ситуација е тоа дека луѓето не можат да се согласат околу тоа што се всушност „факти“. Брнс изјави дека има потреба од тоа да се остават новинарите да бидат новинари и дека има потреба други, различни сервиси, да се справат со идентификувањето на фактите.

Паоло Чезарини од Европската комисија на панелот изјави дека овој феномен на лажни вести е далеку поопсежен и подлабок отколку само брендирањето на самиот феномен и дека агендите зад овој феномен се политички и економски. Тој изјави дека лажните вести во голема мера влијаат не само врз новите медиуми туку и врз традиционалните.

Истражувачката новинарка Сашка Цветковска истакна дека секој ден се соочуваме со хиперпродукција на лажни вести и дека се работи за феномен кој сè уште не го познаваме доволно. Нејзиниот предлог е дека решението мора да биде интердисциплинарно и да вклучи различни типови институции.

На крајот од панелот за лажните вести, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, заклучи дека оваа сесија на самитот е добар почеток, дека сега е времето да се седне и сериозно да се разговара за стратегија за борба против лажните вести и дека владите во регионот, но и пошироко, во основа треба да бидат фактори за наоѓање на конечно решение.

Инаку, Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан е прв од ваков вид во регионот и се одржуваше од 18-19 април во Скопје, во хотелот „Александар Палас“.