9.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Доделени стипендии за студенти што Фондацијата АЛБИЗ ги обезбеди за академската 2017/2018 година

„Фондацијата за развој на образованието и културата – АЛБИЗ континуирано промовира висок степен на општествена свест и одговорност на компаниите членки на Стопанската комора на северозападна Македонија, кои се всушност нејзини основачи и кои посветено се заложуваат за развојот на повеќе сфери, како формалното образование, неформалната едукацијата, спортот и културата“, истакна заменик-министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на доделувањето стипендии за студенти што Фондацијата АЛБИЗ ги обезбеди за академската 2017/2018 година.

Тој додаде дека одговорноста и очекувањата за подигнување на стандардите за квалитет на образовниот систем се најмногу концентрирани во Министерството за образование и наука, но во целиот тој процес од особено значење се заложбите и активностите на сите општествени фактори кои имаат интерес, желба и можности да помогнат на каков било начин кон јакнењето на воспитно-образовниот процес во земјата.

Тој ѝ се заблагодари на Фондацијата што и оваа година одвои финансиски средства за поддршка на младите што одлучиле да стекнат академско знаење посочувајќи ја за позитивен општествен пример и посакувајќи традицијата на стипендирање ученици и студенти да продолжи и во периодот што следува.

„Драго ми е што заеднички го надополнуваме и прошируваме системот на стипендирање што го има изградено Министерството за образование и наука и кој нуди десетици видови стипендии и финансиска поддршка за разни категории ученици и студенти од Република Македонија, кои одлучуваат да се едуцираат во земјата и странство. Од стипендии за ученици и студенти што потекнуваат од семејства со незавиден социјален и материјален статус до стипендии за ученици и студенти што имаат исклучителен талент и се запишале на некоја врвна светска образовна установа, на некој од најдобрите 100 светски универзитети“, рече Адеми.

Тој додаде дека Владата веќе одлучила да се воведат и нови видови финансиски стимулации за едукација на младите посочувајќи ги стипендиите за студентите што ќе одлучат да се запишат на студиските програми за одделенски наставници.

Спонзорирано: