18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Бројот на жртвите во израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Сирија се зголеми на 13

Бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз иранскиот конзулат во Дамаск се искачи на 13, од кои седум се членови на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), јави денеска иранската државна телевизија ИРИБ.

„Во нападот во понеделникот што го изврши ционистичкиот режим врз конзулатот на иранската амбасада во главниот град на Сирија, загинаа седум Иранци и шест сириски државјани“, објави иранската телевизија.

Сириската новинска агенција САНА синоќа јави дека израелските сили гаѓале неколку локации во околината на Дамаск од правец на Голан. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи изјави дека „Израел ќе биде казнет“ за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани изјави дека Техеран има право да преземе реципрочни мерки по израелскиот напад врз конзулатот.

Американскиот претседател Џо Бајден е „свесен“ за извештаите за израелскиот напад во Дамаск и САД ја следат ситуацијата, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.