4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитриевски во ДИК: Факт е дека сите кандидати немаат еднакви права и можности на претстојните избори

Кандидатот за претседател на Македонија од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во ДИК го потпиша Кодексот за фер и демократски избори, за Претседателските избори 2024.

„Мое прво искуство да потпишам еден ваков Кодекс на вака високо ниво и благодарност до Државната изборна комисија што организира ваков настан. Сметам дека ние денеска, бидејќи истата оваа форма којашто ја потпишуваме, уште однапред, без разлика што преземам целосна одговорност со моето потпишување да ја почитувам, нема да биде почитувана во целост. Искрено жалам што многу хипокризија почувствував во одредени излагања, особено во делот на став 4 и за истата да се елиминира Државната изборна комисија може и има таква надлежност да влезе во потписите коишто беа евидентирани за нас како поддршка, да направи анализа, суштинска, колкав број на луѓе вработени во јавна и државна администрација се потпишале за нас како кандидати и со ова сомнежот да биде отфрлен во целост“, рече Димитриевски.

„Но, притоа вклучувајќи ги и потписите на почитуваната професорка Давкова. Бидејќи ние бевме сведоци во една демократска постапка како се организираат групи на луѓе со автобуси и се носат на потпишување за давање на поддршка. Затоа и кажав форма, а не суштина. Што се однесува до јавните настапи, јас како кандидат ќе ги прифатам сите јавни настапи кадешто ќе бидам поканет, без разлика кој и да ги организира, а ќе ми биде чест и задоволство, особено да диксутирам на сите теми отворено пред македонската јавност со двата најфаворизирани противкандидати во моментов, за коишто бевме сведоци во изминатите неколку месеци како ги слушнавме различните анализи сондажи со коишто се креираше, а не анализираше јавното мнение во Македонија. Факт е дека немаме сите еднакви права и можности иако со Уставот тоа е загарантирано, бидејќи самиот начин за пристап до медиумите е ограничен согласно законот, којшто нас, како кандидати, во моментов не ограничува и не ни дава подеднакви можности. Не сакам да реприлицирам, на јавноста тоа и е јасно, јас во оваа прилика сакам да посакам првично во Македонија на претстојните претседателски и парламентарни избори да победи демократијата, а со тоа ќе победат и граѓаните и верувајте ми како кандидат ќе го дадам својот максимум да состојбите во оваа држава се сменат во целост и никогаш повеќе да не бидат исти“, изјави Димитриевски.