20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Најголемите избори во светот почнуваат на 19 април, ќе се одржат во седум фази

Објавен датумот на почеток на најголемите избори во светот – на 19 април почнуваат парламентарните избори во Индија.

Речиси милијарда гласачи ќе излезат на гласање во седум фази. Резултатите се очекуваат на 4 јуни.

Изборната комисија на Индија го објави распоредот за шестнеделното маратонско гласање за време на прес-конференција во Њу Делхи.

Изборите ќе се одржат во седум фази. Првата фаза од парламентарните избори ќе се одржи на 19 април, втората на 26 април, третата на 7 мај, четвртата на 13 мај, петтата на 20 мај, шестата на 25 мај и седмата фаза на 1 јуни.

Резултатите низ целата земја ќе бидат преброени одеднаш на 4 јуни и обично се објавуваат истиот ден.

Право на глас имаат вкупно 969 милиони гласачи, повеќе од целото население на САД, Европската Унија и Русија заедно. Ова ги прави овие избори најголемата демократска вежба во светот.

„Ќе ја однесеме демократијата во секој агол на земјата“, рече главниот изборен комесар Раџив Кумар на прес-конференција во Њу Делхи, додавајќи дека тој ќе ги одржи изборите за да останат „светилник за демократијата ширум светот“.

Во функција ќе има повеќе од еден милион избирачки места на кои ќе работат 15 милиони избирачки работници, соопшти изборната комисија.

Истражувањата на јавното мислење се ретки во Индија, но минатогодишното истражување покажа дека 80 отсто од граѓаните имаат позитивно мислење за актуелниот премиер Нарендра Моди.

Ако победи, 73-годишниот Моди ќе биде само вториот премиер по Џавахарлал Нехру, херојот на независноста на Индија и нејзиниот прв премиер, кој освои трет последователен мандат.

Моди ја започна кампањата со својата Индиска народна партија уште пред да биде објавен официјалниот датум за избори, уверен дека ќе ги повтори убедливите победи од 2014 и 2019 година.

Неговите противници се заглавени во внатрешни борби, а она што критичарите во Индија го посочуваат се политички мотивирани правни истраги кои имаат за цел да ги ограничат сите противници на владејачката партија.