26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Нетанјаху: Се обидуваме да го намалиме бројот на цивилни жртви во Газа, но без успех

Израел прави се што може за да ги извлече цивилите од опасност додека се бори со Хамас во Газа, вклучително и фрлање летоци со предупредување да бегаат, но неговите обиди да ги минимизираат жртвите не беа успешни, изјави вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Нетанјаху беше прашан од CBS News дали убиството на илјадници Палестинци од страна на Израел како одмазда за нападот на Хамас на 7 октомври ќе поттикне нова генерација на омраза.

– Секоја цивилна смрт е трагедија и не треба да ги имаме бидејќи правиме се што можеме за да ги отстраниме цивилите од опасност, додека Хамас прави се за да ги држи во опасност – рече Нетанјаху.

– Затоа испраќаме летоци, им се јавуваме на мобилните телефони и им кажуваме да си одат. И многумина си заминаа – додаде тој.

Израел изјави дека целта на неговата воена кампања е уништување на Хамас.

– Втората работа што можам да ја кажам е дека ќе се обидеме да ја завршиме оваа работа со минимални цивилни жртви. Тоа е она што ние се обидуваме да го направиме: минимални цивилни жртви. Но, за жал, не сме успешни – изјави Нетанјаху.

Палестинските цивили го понесоа товарот од повеќенеделната воена кампања на Израел како одговор на нападот на Хамас за кој Израел вели дека уби 1.200 луѓе, главно цивили. Според Израел, Хамас зеде како заложници околу 240 луѓе од различни националности.

Здравствените власти во Газа, кои Обединетите нации ги сметаат за сигурни, велат дека најмалку 11.500 луѓе се потврдени убиени во израелското бомбардирање и копнена инвазија, од кои повеќе од 4.700 се деца.

Две третини од 2,3 милиони жители на Појасот Газа останаа без покрив над главата поради војната. Вчера, израелските воздухопловни сили фрлија летоци во делови од јужна Газа во кои им кажуваа на луѓето да се евакуираат за своја безбедност.

Израел, исто така, користеше летоци во северниот дел на Газа за да ги предупреди цивилите да си заминат. Стотици илјади го сторија тоа во масовното раселување за кое многу Палестинци стравуваат дека може да стане трајно.