20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Северна Кореја и испратила на Русија 1.000 контејнери со ракети и муниција?

САД објавија сателитски снимки и го обвинија Пјонгјанг дека испраќа воена опрема во Москва потребна за војната во Украина

САД ја обвинија Северна Кореја дека и испратила на Русија 1.000 контејнери со воена опрема што е неопходна за продолжување на војната во Украина!

Пратките испратени во изминатите неколку недели вклучуваа воена опрема, муниција и артилериски гранати, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

За време на неговото обраќање до медиумите, тој покажа и сателитски снимки на кои се гледаат, како што тврди, 300 контејнери подготвени за транспорт во Русија во севернокорејскиот град Најин.

– Воена опрема и муниција се транспортираат од Северна Кореја во Русија со железница и по море. Тие се доставуваат до рускиот град Тихорецк, кој се наоѓа на околу 290 километри од границата со Украина. Оружјето е испорачано од 7 септември до 1 октомври – изјави Кирби.

Како што јави Би-Би-Си, САД сметаат дека Русија ги исцрпила резервите на артилериска муниција и ракети како резултат на инвазијата на Украина, поради што бараат помош од своите изолирани сојузници, како Иран и Северна Кореја.

Некои аналитичари сметаат дека Северна Кореја има големи залихи на оружје, но веројатно нема да се откаже од нив поради ограничените ресурси за нивно замена.

– Ја осудуваме Северна Кореја за испраќање воена опрема во Русија, која ќе се користи за напади на украински градови и убивање на украински цивили во илегалната војна на Русија – додаде Кирби.

Тој изјави и дека оваа испорака е кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Соработката меѓу Москва и Пјонгјанг се интензивираше летово. Најпрво во август Сергеј Шојгу, рускиот министер за одбрана, ја посети Северна Кореја и се сретна со Ким Џонг Ун, по што следеше неговата посета на Русија. На почетокот на септември, Ким Џонг Ун се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во вселенскиот центар Восточни на рускиот далечен исток.

Испораката на воена опрема и оружје од Северна Кореја ќе обезбеди краткорочен поттик за воените напори на Русија, објави Би-Би-Си.

Станува збор за стари залихи на артилериски гранати, кои се многу несигурни.

Генералот Марк Мили, началникот во заминување на Здружениот Генералштаб на американската армија, неодамна изјави дека испраќањето оружје од Северна Кореја во Русија нема да има одлучувачко влијание врз исходот на војната во Украина.