14.8 C
Скопје
15. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Авганистанците со голи раце копаат низ урнатините по земјотресот: „Селата се сраменти со земја“

Мажи, вчера, со голи раце и лопати копаа низ урнатините во западен Авганистан во очајнички обид да ги извлечат жртвите по силните земјотреси пред два дена, во кои загинаа најмалку 2.400 лица.

Во саботата земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала погоди густо населена област кај Херат. По првиот земјотрес, следуваа силни последователни потреси.

Американскиот геолошки институт соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на 40-ина километри северозападно од Херат. По него, следуваа три многу силни последователни потреси, магнитуди од 6,3, 5,9 и 5,5 степени, и помали потреси.

Цели села се срамнети со земја, луѓето останаа заробени под урнатите куќи, а мештаните чекаа помош и копаа во потрага по луѓе со своите раце, пишува АП. Под урнатините има и живи и мртви. Владиниот портпарол вчера изјави дека стотици сѐ уште се заробени, повеќе од 1.000 се повредени и повеќе од 1.300 дома уништени.

Портпаролот на талибанската влада вчера зборуваше за бројот на жртви. Доколку оваа бројка се потврди, земјотресот од саботата ќе биде еден од најсмртоносните што го погодиле Авганистан во последните две децении.

Речиси 36 часа по првиот земјотрес што ја погоди провинцијата Херат, немаше хуманитарни авиони или стручни лица. Агенциите за помош и невладините групи ја повикаа меѓународната заедница да се вклучи, но само неколку земји јавно понудија поддршка, меѓу нив и соседните Кина и Пакистан.

Меѓународниот комитет за спасување предупреди дека недостигот на опрема за спасување може да го зголеми бројот на загинати во западен Авганистан бидејќи заробените преживеани не може да бидат ослободени.

„Нема многу капацитет за управување со катастрофи и она што постои не може да ги покрие луѓето на терен“, рече Салма Бен Аиса, директорка на одборот за Авганистан.

„Бројот на загинатите се зголемува од час на час“, додаде таа.

Повредените во саботниот земјотрес не може да го добијат потребниот третман поради лошата медицинска инфраструктура и затоа умираат. Недостигот на храна, засолниште и чиста вода ги зголемуваат здравствените ризици меѓу заедниците.

Колегата на Бен Аиса, Џавед Ниамати, рече дека градот Херат е празен. Луѓето спијат под отворено небо, на патишта и во паркови затоа што се плашат од нови земјотреси. Температурите се спуштаат до 10 Целзиусови степени во текот на ноќта, рече тој.

Најмалку десет тима се распоредени за да помогнат во спасувачките напори, вклучително и војската и непрофитните организации, како што е Црвената полумесечина. Агенцијата за миграција на Обединетите нации испрати четири амбулантни возила со лекари и советници за психосоцијална поддршка во регионалната болница.